Голема кашлица

Сè уште трае епидемијата на пертусис во Куманово

28.07.2024 11:10

Сè уште е во тек епидемијата на пертусис во Куманово. Надлежните евидентираат по неколку случаи на неделно ниво. Продолжува и пребарувањето на невакцинираните деца...

Не опаѓа бројката на заболени од пертусис во североистокот. На подрачјето на Центарот за јавно здравје Куманово минатата седмица дијагностицирани се девет нови случаи, односно севкупно 86 лица. Од нив повеќето се од Куманово и Липково. По Скопје, Кратово и Куманово имаат највисока инциденца на заболувања во државата. Експертите сметаат дека и овие бројки не се реални. Не секоја кашлица велат се дијагностицира, голем број граѓани воопшто и не се тестираат. Последниот месец биле регистрирани 20-ина нови случаи. Најзастапена е возрасната група до четири години.

„Со полесни компликации поминуваат оние што се возрасни, онаа група повозрасна, но болеста за децата под 1 година, особено доенчиња по два месеца, сè уште не се вакцинирани тие можат да имаат тешки компликации мислам дури и со тешки последици. Затоа се потенцира редовна вакцинација“, истакна д-р Јадранка Стаменковска, раководител епидемиолошко одделение.

Епидемиолозите укажуваат дека остануваат на сила препорачаните мерки. Активно се пребаруваат невакцинираните дечиња, се проверуваат сомнителните случаи и изолација за заболените. Во градинките се примаат само целосно имунизирани дечиња.

Првите случаи на голема кашлица во Куманово беа регистрирани на почетокот на февруари. Два месеца подоцна, во април беше прогласена епидемија.

Оние што ќе прележат пертусис стекнуваат времена отпорност на бактеријата. По 10 годишен период може да дојде до повторно заразување.

 

Елена Георгиевска