Куманово

Сè уште недостига персонал во кумановскиот Дом за стари лица

27.07.2024 09:31

Домот за стари лица во Куманово подолг период има потреба од персонал. Недостасуваат 15 лица, негователи, готвачи, помошници во кујна...

Негователи, готвачи, помошници во кујна, медицински персонал сè уште недостига во кумановскиот дом за стари лица. Во згрижувачката установа потребни се 15-ина лица. Од „Зафир Сајто“ се надеваат дека министерството ќе ги одобри вработувањата. И за наредната година во планот се вметнати нови вработувања.

„Имаме 160 корисници нормативите пропишани од министерството за една ваква институција предвидуваат и поголема бројка на вработени и никогаш не може да има вишок на вработени ако зборуваме за негователи, медицински или помошно технички персонал“, истакна Дејан Стојановски, директор Дом за стари лица Куманово.

Од установата сметаат дека е поважно да се работи на подобрување на условите и да се понудат различни услуги за старите и немоќни лица.

„Имаме огромен капацитет кој е полн но и услови кои каскаат во однос на она што значи квалитетна услуга и сместување“, дополни Стојановски.

Укажуваат и дека државата треба да изгради домови во оние градови каде што нема. Во домот во Куманово има згрижено корисници од речиси сите општини од државата.

Установата активно е вклучена и во посета и проекти со институции од соседните држави. Европските нормативи велат укажуваат дека е потребна поинаква вонинституционална грижа за старите лица.

 

Елена Георгиевска