Ригорозни казни за концесионерите на охридските плажи кои нема да ги исполнат обврските

06.07.2014 17:28

Иако туристичката сезона во Охрид започна, дури 60 проценти од концесионерите на плажите не ги обезбедиле пропишаните услови за безбедност на вода. Од локалната самоуправа најавија ригорозни казни, а не се исклучува можноста и за раскинување на договорите и активирање на банкарските гаранции...

Концесионерите на охридските плажи го добија последното предупредување од локалната самоуправа. Или ќе се придржуваат до обврските што ги презеле или еднострано ќе им се раскинува договорот и ќе биде активирана банкарската гаранција во висина од еден милион денари, која секој концесионер на плажа мора да ја има.

„Локалната самоуправа ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот, односно прекршување на обврските од договорот и ќе биде ригорозна во спроведувањето на инспекцискиот надзор на плажите. Така што нема да биде поштеден ниту еден концесионер“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Особено ќе се води грижа за безбедноста на плажите, бидеќи уште на стартот на сезоната се повторуваат некои недоследности кои беа присутни и во минатото.

„Ниту половина од концесионерите не обезбедиле соодветни услови за безбедност на капалиштата.Значи процентот  на оние кои добро работат е 40%,додека 60% од концесионерите сеуште очекуваат да започне сезоната или не знам што“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен Крст-Охрид.

Плажите ова лето нема да се пренатрупани со лежалки бидеќи инспекциските служби ќе проверуваат дали 60 проценти од просторот е слободен за посетителите да можат да донесат и свои реквизити. Исто така ќе се контролира дали се почитува работното време,дали има бесплатен интернет и колку се води грижа за хигиената.

 

Сашо Нелоски