Без нови содржини нема развој на туризмот
Доколку Охрид како туристички центар не понуди нови содржини кои ќе привлекуваат гости во текот на целата година, според анализите на секторската студија за туризам од 2020 до 2040 година за просторниот план на Македонија, бројот на соби и легла за тој период ќе се зголеми само за еден процент. Ова го покажа анализата на експертите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид кои посочуваат дека за разлика од Охрид, Гевгелија и Скопје во изминатите десет години забележале вртоглав раст во туристичкиот сектор...

Звучи неверојатно, меѓутоа Гевгелија и Скопје во изминатата деценија бележат огромен раст во туристичкиот сектор, додека Охрид тапка во место и единствено предничи само по бројот на ноќевањата. Во Охрид за тој период има зголемување на бројот на соби и легла за 5, односно 4 проценти, додека Скопје има зголемување за 58 проценти. Ова го покажува анализата за основните туристички параметри за последните 10 години во која спаѓа и целогодишната искористеност на капацитетите.
„Направивме анализа на бројот на денови кој што одредена дестинација ги има кога капацитетите за сместување би биле максимално исполнети. Во Охрид тој број е 35 дена, во Скопје 74, а во југоисточниот плански регион е 88“, изјави проф. д-р Цветско Андреески, Факултет за туризам и угостителство-Охрид.
Андреески вели дека ваквата состојба се должи на тоа што во Охрид доминира сезоналниот туризам, односно 65 проценти од туристите доаѓаат преку летото. Поради тоа тие нудат решенија за поголема искористеност на хотелските капацитети во текот на целата година.
„Прво е организирање настани надвор од главната туристичка сезона, воведување на нови услуги како што се спа туризмот, велнес туризмот, меѓутоа за тоа треба подготовка во смисла на подостапна енергија. Да се види визниот режим за работа за оние дестинации кои што имаат интерес да го посетат Охрид надвор од главната туристичка сезона“, изјави проф. д-р Цветко Андреески, Факултет за туризам и угостителство-Охрид.
Доколку не се изнајдат начини за продолжување на туристичката сезона во Охрид до 2040-тата бројот на сместувачки капацитети ќе се зголеми само за 1 процент, а на исто ниво како и лани ќе биде бројот на туристи и ноќевања.
Сашо Нелоски
