Климатски промени

Македонија и планетата Земја го живеат најтоплото лето во историјата

27.07.2024 12:08

Температурите малку паднаа, полесно се дише. Но мерењата покажуваат дека и Македонија и планетата Земја го живеат најтоплото лето во историјата. Лошата вест е дека трендот на покачување на температурите ќе продолжи секое следно лето, добрата вест е дека има решение преку прилагодување на општествата...

Македонија го живее најтоплото лето, а луѓето со здравствени проблеми најмногу го чувствуваат тоа. Како астматичар, докторката Мими Кимовска-Христов објаснува што ѝ се случува на високите температури.

„Топлиот воздух го менува луменот на самите бронхии, на самите аеропатишта, да речам. Вие кога имате еден астматичар кој што е постојано на терапија, на превенција, него да му го смените тој волумен, тоа многу ќе му значи. Ќе има недостаток на воздух, едноставно. И сега тој астматичар кога од 40-45 степени влегува на температура од 20 степени каде што е разладено, колкава е таа промена, какви се тие драстични промени кои што се случуваат во организмот на астматичарот“, изјави Мими Кимовска-Христов, педијатарка.

Во најтоплите денови, властите прогласија портокалов аларм и предложија, ранливите групи да се ослободат од работа и да останат дома. Но Христов вели дека тоа е малку, оти сите земји во регионот таквите температури ги означија со црвен аларм, што значи живото загрижувачки температури.

Животот на сите луѓе е ставен во ризик, оти планетата го живее историски најтоплото лето.

Според Парискиот договор, светот требаше да не дозволи глобалното затоплување да биде над 1.5 степени од температурата во пред-индустриско време.

Тоа беше милениумска цел и требаше да се задржи. Таа веќе е надмината. Тоа плаши дека повеќе немаме контрола врз ситуацијата.

Во ваква состојба, потребни се точни прогнози што ќе бидат база за кроење стратегии со кои ќе си го олесниме животот. Активистот Горјан Јовановски со својот тим ја создадоа платформата EarthCare со чија помош може да се направат краткорочни и долгорочни предвидувања на температурите и евентуалните природни непогоди.

Користејќи модели на вештачка интелигенција, мерејќи стакленички гасови кои ги испуштаме во атмосферата, од страна на фабриките, на автомобилите, на нашето човечко дејствување на земјата, тие прават прогноза за иднината.

„На долг рок, што е уште пострашно, еве што вели: Дека до 2099 година, Скопје ќе снема снег. 91% од снегот ќе го снема. Едноставно нема да имаме веќе снежни врнежи. Ниските температури, кои што во просек во зима се околу 5-6 степени, ќе станат 10. 57% покачување на ниските температури. Високите температури 36% нагоре ќе одат, а дожд ќе имаме намалување од 30%. Тоа значи Скопје, полека, полека на овој начин станува пустина“, изјави Горјан Јовановски, активист.

Овие податоци треба да се претворат во информации за предвидени суши, поплави, бури, енормно високи температури, секаков вид на природни непогоди.

Но има ли решение за песимистичките предвидувања?

Всушност тие се повеќе, а некои од нив се прилично едноставни. Луѓето се единствените носители на промените. Преземените одлуки треба да го намалат страдањето на човекот. Ако не правиме ништо, климатските промени ќе бидат уште поинтензивни и поагресивни.

Решенијата се поделени во три столба. Трите „брзински удари“, спречување, „поништување“ и прилагодување, кои можат да го забават и можеби да спречат да ги постигнеме најлошите резултати од климатските промени. Овие столбови предвидуваат и намалување на штетните гасови и менување на системите за загревање. Алтернативите се користење на енергијата од ветар и сонце.

Превенцијата всушност е најевтиното решение. Прилагодувањето е неопходно, а според експертите, тоа само значи почитување на постоечките законски решенија. Кога се однесува на зеленило, постои правилник опфатен со законот за урбано зеленило кој што посочува на стратегија за развој на зеленило.

„Тоа губење на постојаниот континуитет или како ние велиме зелени коридори, сега, барем во рамките на малите паркчиња помеѓу блоковите во коишто живеат нашите граѓани значи промена на микроклиматските услови. Осончаните површини значително многу брзо, за кратко време се загреваат, од друга страна за кусо време и се ладат што прави едни температурни екстреми неповолни и за целиот жив свет. Одеднаш се соочуваме со проблем сите овие води да се примаат за кратко време. Многу од површините почнуваат да припаѓаат како ризични места од суша, а тоа повлекува можност за поројни поплави. Кога би се обиделе во моментов сè она што го имаме како зеленило да го одржуваме соодветно, многу би постигнале. Стратегискиот пристап и учењето од туѓи грешки е најдобро решение“, изјави Бојан Симовски, професор на Шумарски факултет.

2023 година беше прогласена за најтопла во историјата, 2024 е веќе ги надмина рекордите. Ова ќе продолжи да станува тренд. Ваквите температури влијаат на целосниот екосистем и на квалитетот на живеење. Одлуките што се носат ЗА кус и ЗА долг период ја кријат тајната – дали ќе ја спасиме планетата и дали ќе се спасиме ние.

 

Катерина Топалова