Спектакуларно отворање на Олимписките игри во Париз
Олимпискиот оган гори над Париз. Со спектакуларно шоу на Сена, надвор од стадионот, во присуство на 320 илјади гледачи, отворени се 33-те Олимписки игри. Четиричасовната церемонија никого не остави рамнодушен. Во светот разделен со војни и конфликти, испратен повик за единство...

Со спектакуларно четиричасовно шоу стартуваа 33. Летни Олимписки игри во Париз. 10.714 спортисти, во 32 спорта, од 206 земји продефилираа на реката Сена во флота од 85 брода. 120 шефови на држави и влади и стотици илјади луѓе ја следеа церемонијата во живо под силни безбедносни мерки и протоколи. Не го криеја воодушевувањето од програмата и покрај дождот.
„Всушност беше уште подобро со дождот бидејќи создаде амбиент. Беше неверојатно“.
„Тоа не беше само сцена. Првпат во светот, Франција ги претстави Олимписките игри на неверојатен начин, и ние сме навистина среќни поради тоа“.
„Навистина беше како сон, едноставно магично. Луѓето се толку среќни. Сите се чувствуваат сплотени“.
„Мислам дека тоа беше нешто што сигурно, нема да го видиме за многу години. Париз, е тип на град што ни дождот не можеше да спречи ваков настан“, велат анкетирани граѓани.
Факелот со олимпискиот оган го носеа легендарни спортисти со брод низ Сена до катедралата Нотр Дам. Оттаму беше предаден на француски спортисти и спортски ветерани, по што беше запален во балон во близина до Триумфалната капија. Париз е домаќин третпат, а организацијата на игрите чини девет милијарди евра.
„Навистина би сакал да им честитам на сите кои работеа на организацијата, бидејќи беше неверојатен тим кој одговараше на предизвиците до последен момент. И покрај дождот, енергијата беше прекрасна и се надевам ќе ја задржиме докрај“, изјави Тони Естанге, претседател на Организацискиот комитет на Париз 2024 година.
На настани од ваков вид, очекувани се и пропусти. Па така, додека јужнокорејската делегација пловеше покрај Сена, најавувачот преку разглас објави „Демократска Народна Република Кореја“, што е официјалното име на Северна Кореја. Добија извинување од Олимпискиот комитет. Олимпиското знаме, пак, беше наопаку закачено.
Маријана Димовска
