Академија за судии и обвинители

Новаковски: Коренити промени во правосудството

27.07.2024 12:44

Претресите во Академијата за судии и јавни обвинители, извршени поради сомнеж за кривично дело се уште еден клинец во ковчегот на македонското правосудство. Правници бараат итна реакција за враќање на уништената доверба. Адвокатот Александар Новаковски смета дека е потребно да се формира независно специјално тело, кое ќе предложи мерки како понатаму. Според него, извршната власт не смее да седи со скрстени раце...

Претресот во Академијата за судии и јавни обвинители дополнително ги разголи наталожените проблеми во правосудството и укажа на итна потреба од коренито решавање на состојбите, вели адвокатот Александар Новаковски. Тој предлага, Владата да иницира формирање на специјално независно тело од експерти кои ќе направат пресек на случувањата и ќе ги спроведе реформите во сите сегменти – судискиот и обвинителскиот совет, судовите, обвинителствата, Академијата.

Кога станува збор за корупцијата во судството, Новаковски објаснува дека пари отворено не се бараат, но тврди дека работат врските.

Академијата, вели адвокатот покажа резултати, но има суштинско влијание во изборот на идните судии и обвинители. Не може, вели Новаковски, институциите коишто го изгубија кредибилитет, да именуваат членови во Академијата, па оттука и потребата – целиот систем да се реформира.

 

Анита Димитријевска – Велковска