Власта и опозицијата со остра дебата за ребалансот на буџетот
Собраниската расправа за Ребалансот на буџетот продолжи и викендов. Власта и опозицијата со спротивставени ставови. Првите тврдат дека ова се прави за опоравување и консолидирање на економијата, за повисоки плати и пензии, вторите критикуваат за зголемувањето на јавниот долг...

Трет ден жестока расправата за Ребалансот на буџетот. Опозицијата критикува – со прекројувањето на државната каса ќе нема пари за повисоки плати и капитални инвестиции. Работниците ќе добијат повисоки примања, возвратија пратениците од владејачкото мнозинство, посочувајќи дека со ребалансот се санира економското цунами на СДСМ и ДУИ.
Од економска, дебатата премина во политичка, за тоа која партија колку гласови добила и зошто, па и кој трошел пари за тренинг на магариња и за исплаќање на долгови од пред 10 години за криминал со европските образовни програми.
Министерката за финансии Димитриевска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно со затекнатите состојби во буџетот и дека ќе има пари за сервисирање на законските обврски.
Викторија Милевска
