Културните манифестации во Крушево привлечни за туристите
Крушево особено за викендите е преполно со гости од сите краеви, има и многу странци...

Над 200 учесници од повеќе фолклорни друштва овој викенд присуствуваа во Крушево како дел од проектот Крушево град на културата за 2014. Тие се само дел од 60-тина манифестации кои треба да се одржат тука. Културните настани кои започнаа пред 1 месец веќе го преплавија Крушево со гости.
„Многу е убаво тука, иако е лето времето е доста пријатно, има убава природа, чист воздух и крушевчани се многу гостопримливи“, велат туристите.
Дека овој проект го раздвижи Крушево чувствуваат и угостителите, но и занаетчиите.
„Туристите кои сега доаѓаат тука, купуваат од кај нас, се зголеми прометот, градот со еден збор живна не е повеќе мртов“, вели Јани Нане, касап.
„Се повеќе во нашите апартмани доаѓаат гости од Македонија и странство“, рече Мартина Стојаноска, угостител.
Крушево особено за викендите е преполно со гости од сите краеви, има и многу странци.
„Летав со параглајдер, многу е убаво ова е како игралиште за возрасни“, вели една туристка од Германија.
Најголемиот прилив на гости се очекува во Крушево да се случи кон крајот на овој и почетокот на наредниот месец кога треба да се одржи „Крушево етно град“, но исто така за прв пат оваа година на 27 јули ќе се презентира настанот Discover Krusevo кога овој град ќе биде промовиран како дестинација за активниот туризам.
Целата понуда на 27 јули за туристите ќе биде бесплатна.
„На Мечкин Камен ќе имаме гратис параглјдинг летања, потоа ќе има исто и коњички тури за сите заинтересирани странски и домашни туристи кои тој ден ќе бидат тука“, вели Елена Илиеска, координатор на проектот Discover Krusevo.
„Во месец јули во Крушево ќе се одржи и европскиот куп во параглајдерство што ќе привлече многу гости и тој настан е доста значаен за развојот на туризмот“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Во однос на лани бројот на странски туристи во Крушево бил зголемен за 30 проценти.
Дарко Штаргоски
