Климатски промени

Двојните закани од глобалното затоплување и пестицидите

28.07.2024 09:29

Македонското земјоделство не може да опстои без употребата на пестициди, но од друга страна, тие мора строго да бидат регулирани. На хартија, тоа е така, македонското законодавство е синхронизирано со европското, но во пракса се е оставено на совеста и знаењето на производителите. Со климатските промени, потребата од отрови ќе биде уште поголема...

Здравко и Стојан уште еднаш ги прскаат оризовите насади со хербициди. Мака им создава плевелот што може да го уништи родот.

„Се појавуваат некои црвци, низ годините ги немаше, не удираа на оризот. Го јадат коренот. Се множат во водата, во земјата и го гризаат коренот и тешко се уништува тоа бидејќи е во земја. Секоја нива е приказна самата за себе. Некои имаат еден вид треви, други друг вид треви, трети трет. Има широколисни, теснолисни. Зависи, треба да ја процениш ситуацијата и да видиш што и како треба. Меѓутоа растенијата станаа имуни на препаратите, така што ако некогаш сме прскале еднаш, сега можеби и три пати ќе прскаме“, рече Стојан Петров – оризопроизводител од село Чешиново, Кочани.

Стојан одгледува ориз 45 години. Убеден е дека произведува безбедна, здрава и вкусна храна, но исто така знае дека медицинската маска и ракавиците не му се од голема помош кога ги прска отровите околу себе.

„Ете гледаш, јас му велам стави си тука мушама, он не слуша, таму е целиот препарат. Како не е штетно тоа, директно влегува во телото преку кожата“, вели Здравко Донев.

Но Здравко и Стојан не се единствени. Ова е период кога од изгрејсонце Чешиново е гласно. Секој е во своето поле и го заштитува растението што треба да му роди бело злато. Тука е и Мите. Од пет часот изутрина има испрскано 10 декара. Годинава се надева оти нема да има многу штетници и дека ќе потроши помалку пари за пестициди.

„Климатските промени влијаат на сите сорти на оризот. Радијација, многу топлина му пречи на оризот, која било сорта и да е. Тука нема спас“, вели Мите Николов, оризопроизводител од Чешиново.

Македонското земјоделство не може да опстои без употреба на пестициди, вели професорката Станислава Лазаревска од факултетот за земјоделство и храна. И таа вели дека јадеме релативно безбедна храна и оти употребата на пестициди е многу строго регулирана со закон. Доколку се спроведуваат и се имплементираат сите норми во производството, се нуди одредена безбедност.

„Никој не може да ве контролира до 100%. Значи, вие сте одговорни и вие треба да знаете што применувате и на кој начин ќе го применувате. Бидејќи тој што произведува храна тој е одговорен за нејзината безбедност. Зошто луѓето ги надминуваат законските рамки, понекогаш затоа што е поевтино. Материјата со пестицидите е многу добро регулирана, ние имаме веќе втор пат хармонизирани закони со ЕУ и потребна е само совесна имплементација. Не е лесен овој дел, меѓутоа тоа е патот, преку едукација на луѓето што ги користат пестицидите од страна. Кога ќе им кажете дека нештото е забрането, секогаш велат-па не сме ние во Европска Унија, меѓутоа тоа не е одговор бидејќи ние сме исто така луѓе кои што заслужуваат да јадат безбедна храна“, вели Станислава Лазаревска, професорка на Факултетот за земјоделство и храна.

Условите се менуваат. Југот доаѓа на север. Според анализи на климатските промени, движењето на агроеколошките зони е дека тие за околу 100 километри за 10 години се поместуваат на север. Покачувањето на температурите влијае и на промени во животниот циклус на микроорганизмите и во условите за нивниот развој, така што не е ништо невообичаено некои нови микроорганизми од јужните страни да дојдат кон нас. Тие можат да влијаат и врз безбедноста на храната и врз здравјето на растенијата.

Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделство и храна, потсетува дека пустината Сахара е на помалку од 1000 километри од Македонија, а тоа вели, не дава многу оптимистички прогнози за иднина.

„Знаете дека југот на Европа е најверојатно она што ќе биде најпогодено, ние припаѓаме во тој дел, така што кај нас се очекува и намалување на приносите и најверојатно намалување на квалитетот. За околу тоа дали ќе јадеме поневкусна храна, најверојатно да!-вели Ордан Чукалиев, професор на Факултетот за земјоделство и храна.

Производството на храна кај нас во моментот е оставено на искуството, знаењето и совеста на земјоделците.

 

Катерина Топалова