Сторија

Доброволци на терен во борба со огнот

28.07.2024 09:54

Во борбата со пожарите покрај пожарникарите, полицајците и војниците, активно помагаа и доброволци, кои не ги штедеа ниту своите животи. Некои од нив се здобија и со повреди и изгореници, други пак ја загубиле и работата. Не се жалат, бидејќи како што велат не можат само да гледаат кога гори шума или пак некое село. На терен и девојки, кои ги координираа активностите...

Златко Димов од село Сирково засекогаш ќе го памети 17-ти јули 2024 кога огнот од пожарот над неговото село му ги изгоре лицето, раката и ногата. Се сеќава дека се започнало кога еден од синовите дошол дома и му кажал дека шумата над селото гори. Димов тргнал да им помогне на пожарникарите. Цистерната ја наполнил со вода, но не можел да ја однесе до нив, бидејќи теренот бил непристапен. Но, не се откажал.

„Јас пред нив одев со плугот со бразда, тие затапкуваа, полесно се гаснеше огнот. Се оддалечив напред километар, се оделив од нив, да исчистам терен, кога гледам зад мене пламени јазици, ветер дувна, баш силен“, раскажува Златко.

Огнот го заробил и тогаш се здобил со изгорениците. Два часа чекал пожарникарите да се пробијат до него. Го однеле во кавадаречката болница, оттаму на Клиниката за пластична хирургија во Скопје.

„Јас сум рекол – не оставам да гори село или да гори општина. Ќе се борам до крај“, вели Златко.

И додека Златко доброволно се бореше за шумата над Сирково, десетина дена за шумата на Серта се бореа и петмина доброволци од Неготино, а координацијата ја водеше жена. Мајстор за бурек, молер, елекромонтер, автомеханичар, дел се од доброволното друштво

„Тука сме пред сè да им помогнеме на пожарникарите, бидејќи тие се во многу мал број, не можат да се справат и тие насекаде“, вели доброволецот Васко Јованов.

„Тука сум доброволно за да помогнам во гаснењето на пожарите и да ја зачуваме природата“, вели неговиот „соборец“,  Ѓорѓи Карпачев.

Ристо Недев пак, дури го жртвувал и своето работно место, бидејќи не наишол на разбирање за неговата хумана мисија.

„Јас додека гаснев пожари тука не сакаа да ме ослободат од работа и затоа ме избркаа од работа зашто сум гаснел пожари“, раскажува нашиот херој Недев.

Триесетгодишната Фанка, професорка по професија, со магистерска за менаџирање кризи, десетина дена го менаџираше и гаснењето на Серта. Ги комбинирала екипите на доброволци, со професионалци. Сите имале доверба во неа.

„Организацијата и во куќата, како и тука на планина, изгледа им припаѓа на жените, поради тоа што ние сме малку посмирени, не работи адреналинот толку многу кај нас и гледав да ја координирам работата на ниво“, вели Фанка.

Младите доброволци не сакале „по војната да се генерали“ или да бараат вина во надлежните ако огнот им ја проголта планината или селата.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски