Блиски Исток

Израел одговори на крвавиот напад

28.07.2024 10:07

Блискиот Исток на чекор од голема војна. Во село на Голанската висорамнина ракета погоди фудбалско игралиште, 10-на загинати, повеќето деца, уште 30-на ранети. Тел Авив го обвини Хезболах за нападот, од таму пак негираат каква била поврзаност со инцидентот. Израелската авијација ракетираше цели на милитантната група длабоко на територијата на Либан. Нетанјаху се закани дека Хезболах ќе плати огромна цена. Вашингтон и Брисел со апели за итен прекин на војната во Газа.

Блискиот исток на раб на амбисот. Израелската авијација нападна цели на Хезболах длабоко на либанска територија откако ракета падна врз фудбалско игралиште на Голанската висорамнина, при што се убиени 12 тинејџери, а над 30 се ранети.

„Имам 27 години и досега не сум слушнал пукање на ова место. Исплашени сме, не можам да објаснам. Ги видов децата, но не сакам да раскажам што видов, толку беше ужасно. Потребна ни е поголема безбедност“, рече Анан Абу Салех, жител на Мајдал Шамс.

„Ова беше црн ден за нас и за нашата држава. Загубивме 12 тинејџери, деца кои играа фудбал овде во Мајдал Шамс. Прогласивме ден на жалост“, рече Мовафаг Тариф, духовен водач на заедницата на Друзите.

Министерот за одбрана Галант ги посети местото на нападот. Премиерот Нетанјаху гневен, порача дека Хезболах ќе плати огромна цена. И покрај тоа што Хезболах негираше дека лансирал ракети врз Мајдал Шамс, израелската армија тврди дека постојат несоборливи докази кои покажуваат дека милитантната група, која е во тесни врски со Иран го извршила нападот.

„Нашиот форензички тим откри дека станува збор за ракета Фалак-1, произведена во Иран и испорачана на Хезболах. Хезболах е единствената терористичка организација во Либан што поседува вакви ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на армијата на Израел.

Поранешниот министер за одбрана во Владата на национално единство на Израел, Бени Ганц побара Нетанјаху да пренасочи дел од ресурсите за заштита на северниот фронт.

„Имаме морална обврска кон југот да ги вратиме заложниците дома, а стратегиска обврска да ја осигураме безбедноста на луѓето на северот. Му кажав на Нетанјаху да ги пренасочи ресурсите. Виновни за ова што се случи се Хезболах, а одговорна е и владата на Либан“, изјави Бени Ганц, претседател на партијата за национално единство.

Паралелно со војната во Газа која секојдневно носи нови и нови жртви, изминативе недели се интензивираше размената на оган преку либанско-израелската граница. Хезболах лансира ракети, Израел напаѓа од воздух. Ова ја зголеми загриженоста на меѓународната заедница дека конфликтот на Блискиот исток се ближи кон точка од која нема враќање.

 

Мартин Пушевски