Бизнисот чека пари од унгарскиот заем
Во Финансии се крои Законот за дефинирање на условите за заемот од Унгарија од половина милијарда евра. Владата најавува транспарентно делење на парите, опозицијата критикува. Бизнисот бара поблаги критериуми. Стопанствениците инсистираат на минимум петгодишен грејс период за кредитите...

Компаниите ќе мора да го зголемат обемот на производството ако сакаат пари од унгарската кредитна линија. Министерството за финансии крои закон за дефинирање на условите. Детали не соопштуваат, но велат – средствата се со камата од 3,25 насто, 15 години отплата и грејс период од три. Заемот нема да влијае на јавниот долг.
„Реализацијата ќе се спроведува преку Развојната банка, а средствата на крајните корисници ќе им бидат достапни преку комерцијалните банки во земјава. Со оглед на тоа што станува збор за заеми кои компаниите ќе ги враќаат, тие нема да имаат влијание на долгот по нивното враќање“, велат од Министерството за финансии.
Владата најавува транспарентно делење на парите, опозицијата критикува – заемот што ќе стигне на есен ќе не доведе во должничко ропство.
Економистите сметаат дека овие пари се добар поттик за стопанството, но Владата да води сметка да завршат во производството, а не во поддршка на компании за консултантски услуги.
„Можеби владата требаше овој заем да го користи за друга цел, за капитални инвестиции, а на комерцијалните банки да им се направи друга регулатива за да можат да го поддржат нашето стопанство за на среднорочен и долгорочен план да имаме економија од која ќе можат да исцрпат средства, а и да можат да бидат кредитоспособни и да враќаат“, вели Абил Бауш, економски аналитичар.
Бизнисмените бараат критериумите да не се многу строги.
„Да не ни се случи како што се случи со кинескиот кредит, тој беше со многу поволни камати, но кинезите многу повеќе заработуваа преку разлика во цени на работите коишто ги работеа нашите подизведувачи, отколку на каматата. Значи, да работат наши компании, парите да останат тука, наши работници да земаат плата, тие ќе купуваат пак во дуќаните, ќе плаќаат ДДВ и на тој начин развојот се поттикнува, се мултиплицира и на тој начин мислам дека ќе има позитивни ефекти“, вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Стопанствениците инсистираат на минимум петгодишен грејс период за кредитите и да бидат со 20-годишна рочност за да не го почувствуваат товарот на ратите.
Со договорот за специјална економска соработка, владата е оптимист дека само по основ на камати, државата ќе заштеди 100 милиони евра.
Со овој прилог, МТВ1 се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“.
Анита Димитријевска – Велковска
