Македонија

Гир: Во ЕУ нема волја за менување на преговарачката рамка

28.07.2024 11:52

Евроамбасадорот Дејвид Гир очекува имплементирање на препораките на Оценската мисија на Европската унија во судството. Во интервју за Радио Слободна Европа вели дека во Брисел нема волја за менување на преговараката рамка...

Наместо распуштање на Судскиот совет, клучно е телото да се реформира. Евроамбасадорот Дејвид Гир со став дека е потребна радикална акција во судскиот систем, но како што вели, таа треба да се случи на основа на препораките на експертите од Оценската комисија, кои ја скенираа работата на Судскиот совет. За да се заштити независноста на ова тело, Гир вели дека треба да се внимава да не се пречекорат овластувањата на извршната власт.

Евроамбасадор во интервјуто за Радио Слободна Европа ги препознава напорите на новата Влада и гледа напредок на патот кон ЕУ, но не гледа оптимизам во Брисел за да се промени преговарачката рамка. Во однос на најавите на властите во Атина за нова блокада на интегративниот пат, Гир смета дека сите недоразбирања може да се решат во рамките на договорот од Преспа.

Гир не сакаше да коментира за унгарскиот заем тежок 500 милиони евра, но вели дека ваквата соработка е практика во рамките на Европската унија. За односот Мицкоски – Орбан вели дека е прашање на двете држави, но ги охрабрува односитe меѓу Македонија и сите земји-членки на Европската унија.

 

Викторија Милевска