Светска премиера на претставата „Крал Лир“ од Вилијам Шекспир
Фестивалот „Охридско лето“ вечерва на љубителите на драмската уметност ќе им приреди уште едно прекрасно доживување, при што во предворјето на црквата Света Софија ќе можат да ја проследат светската премиера на театарската претстава „Крал Лир“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел од Соединетите Американски Држави...

Премиерната изведба на претставата „Крал Лир“ од Вилијам Шекспир е специјално подготвена за Фестивалот „Охридско лето“, а во неа играат уметници од Македонија, Ерменија, Финска и САД. Изведбата евоцира изгубени светови и минати времиња, атмосфери преплавени со антички ритуали, духови и соништа, едноставно раскажување и оригинална музика.
„Ние сме многу возбудени што сме тука. Благодарни сме на поканата и можноста да ја играме оваа претстава на една од најубавите сцени во светот-предворјето на црквата Света Софија. Синоќа ја имавме првата проба и можам да речам дека очекувањата на артистите за денешната премиера се многу високи“, изјави Џон Блондел-режисер на претставата.
Преку играта на актерската екипа во претставата се прикажуваат живописни слики и визуелно раскажување приказни, раскажани на јазикот на Шекспир.
„Претставата е преполна со референци за слепилото и очите, но не само на физичкото слепило, туку и на она внатрешното и тоа е трагедијата“, изјави Ирвин Апел-актер.
„Процесот на подготовките на претставата беше многу интензивен и напорен, но сепак наликуваше на еден вид медитација со помош на која навлегувавме во претставата и ликовите“, изјави Нина Салинен-актерка.
Режисерот Џон Блондел е добитник на 13 независни награди, а во 2013-тата е именуван за учител на годината за неговата неуморна посветеност на меѓународната театарска заедница.
Сашо Нелоски
