реакции

Најавената Академија ги разбранува духовите

28.07.2024 14:23

Лавина реакции по најавата од „Вреди“ за создавање албанска Академија на науките и уметностите. Планот е прво да има општинско финансирање, а потоа државно од буџетот. Но, вицепремиерот Меџити смета дека решение може да биде и ако МАНУ ги отвори вратите. ВМРО-ДПМНЕ предупреди – критериум за членство во академијата не може да биде етничката или политичката припадност, а и ДУИ иницијативата ја дочека на нож – велат, „Вреди“ потфрли со МАНУ, па создава академско маало...

Коалицијата „Вреди“ фрли ракавица со најавата за формирање Албанска академија за науките и уметности. Не отстапуваат од решението кое беше во нивната партиска програма, но не стана дел и од владината програма. Според „Вреди“, во прва фаза Академијата ќе добие поддршка од општините, а потоа и од државата, иако, вицепремиерот Меџити не ја отфрла можноста да се функционира во рамки на МАНУ, под услов, како што вели, Македонската академија на науките и уметностите да ги отвори вратите за академиците Албанци.

Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, предупреди ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека науката не треба да се политизира и етнизира.

„Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е добро што албанските партии во власта бараат место за Албанците во науката и посочуваат дека нашата Академија на науки треба да остане репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.

Критика за потегот на „Вреди“ стигна и од ДУИ.

„Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до „големата општинска идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците.“, велат од ДУИ.

Лидерите на коалицијата „Вреди“ од Тетово најавија дека ќе обезбедат општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“.

 

Игор Панов