Венецуела

Николас Мадуро доби трет мандат на изборите за претседател на Венецуела

29.07.2024 11:29

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро доби трет, шестгодишен мандат. Во победничкиот говор, Мадуро истакна дека изборниот процес бил легитимен...

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро доби трет, шестгодишен мандат. Со 80 проценти од пребројаното, резултатите се неповратни, став на Изборната комисија.

„Николас Мадуро Моро освои 51,22%, кандидатот Едмундо Гонзалес, доби 44,2% и други кандидати освоија 4,6% од гласовите“, изјави Елвис Аморосо, шеф на Националниот изборен совет.

Во победничкиот говор, Мадуро истакна дека изборниот процес бил легитимен.

„Ви благодариме што ја браневте нашата демократија, нашите закони и нашиот народ“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.

Опозицијата пак, не ги признава резултатите. Убедува оти нивниот кандидат освоил 70% од гласовите, а набљудувачите биле принудени да заминат од многу избирачки места.

„Венецуела има нов избран претседател и тоа е Едмундо Гонзалес. Победивме. Сите го знаат тоа“, изјави Марија Корина Мачадо, опозиционер.

Вашингтон и ЕУ изразија загриженост и бараат целосна транспарентност на процесот.

„Загрижени сме дека објавениот резултат не ги одразува волјата или гласовите на венецуелскиот народ. Бараме сите инволвирани страни да ги споделат деталното сумирање на гласовите. Меѓународната заедница внимателно го следи ова и соодветно ќе одговори“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Независните истражувања на јавното мислење пред изборите прогнозираа крај на 25-те години левичарска политика втемелена на идеите, ликот и делото на поранешниот претседател на Венецуела, Уго Чавез.

 

Маријана Димовска