Блиски Исток

Блискиот Исток на раб на војна

29.07.2024 14:49

Израелската армија изврши повеќе воздушни напади низ Појасот Газа. Рации и тензии на Западниот брег. Во пограничната област меѓу Либан и Израел, нов инцидент. Двајца загинаа, а тројца се повредени во напад на израелски дрон во околината на градот Шакра.

Блискиот Исток на раб на војна, светот стравува од ескалација. Ракетниот напад на Голандската висорамнина во кој загинаа 12-тмина израелски тинејџери, ја зголеми загриженоста дека повеќемесечните прегранични непријателства меѓу Израел и моќната либанска милитантна група, поддржана од Иран би можеле да прераснат во широка, деструктивна војна во регионот. Израел веќе подготвува одмазда. Безбедносниот кабинети го овласти премиерот Нетанјаху да одбере начин и место за одговор на смртоносниот напад. И израелскиот министер за одбранат Галант, при посетата на семејствата на загинатите, вети дека Хезболах ќе ја плати цената.

„Ќе направиме се да ја вратиме безбедноста и животот да продолжи како што треба. Хезболах ќе плати цена за ова и за сè друго што направи“, изјави Јоав Галант – министер за одбрана на Израел.

Се заоструваат и онака заладените односи и меѓу Анкара и Тел Авив. Турскиот претседател Ердоган се закани дека ќе интервенира во Израел поради палестинските цивилни жртви. Брз одговор пристигна од израелскиот министер за надворешни. Ердоган оди по стапките на Садам Хусеин, се заканува дека ќе го нападне Израел. Треба да се сети што се случи таму и како се заврши, напиша Кац на платформата Икс.

„Мора да бидеме многу силни за да не може Израел да им ги прави овие работи на палестинците. Како што влеговме во Нагорно-Карабах, како што влеговме во Либија, би можеле слична работа да му направиме и на Израел. Нема причина зошто не би го направиле тоа“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.

Меѓународната заедница ги повика двете страни да внимаваат на следните чекори и да не дозволат конфликтот да се прошири и да прерасне во крвава војна. Од либанското МНР со предупредување – доколку Израел тргне со инверзија кон Либан, рескира вовлекување на целиот регион во војна. Во меѓувреме, многу европски и американски авио-компании веќе ги прекинаа летовите кон Бејрут од безбедносни причини, а голем број држави ги повикаа своите граѓани итно да го напуштат Либан.

 

 

Маја Стојанова