Венецуела

Венецуела обвини дека хакери од Македонија биле замешани во изборна манипулација

30.07.2024 11:43

За граѓаните на оваа латиноамериканска држава – нашата земја преку ноќ стана екстремно популарна, откако венецуелскиот јавен обвинител обвини дека хакери од Македонија биле замешани во изборна манипулација.Спорните избори по кој властите му ја предадоа победата на актуелниот претседател Мадуро, предизвика масовни протести во земјата...

Контроверзните претседателски избори во Венецуела зачинети со македонска мирудија. За граѓаните на оваа латиноамериканска држава – нашата земја преку ноќ стана екстремно популарна, откако венецуелскиот јавен обвинител обвини дека хакери од Македонија биле замешани во изборна манипулација. Најави истрага против опозициската лидерка Марија Корина Мачада и двајца непознати противници на венецуелската влада.

„Хакерскиот напад потекнува од „Северна Македонија и имал намера да манипулира со податоците. За среќа, оваа акција беше спречена, но успеа да го одложи читањето на резултатите“, изјави Тарек Вилијам Сааб – главен јавен обвинител на Венецуела.

Опозицијата го тврди спротивното – изборите биле украдени од власта, а за нив, опозицискиот кандидат Гонзалез Урутија е убедлив победник на изборите.

„По пресметките, дури и националниот изборен совет 100 проценти да ги впишеше преостанатите гласови за Мадуро, тие немаше да бидат доволни да го победат Едмундо. Разликата беше огромна“, изјави Марија Корина Мачада – опозициска лидерка.

Спорните избори по кој властите му ја предадоа победата на актуелниот претседател Мадуро, предизвика масовни протести во земјата. Демонстрантите се судрија со полицијата, има и жртви.

„Уморни сме од Мадуро, уморни сме од камшикување. Излезете против Мадуро“, изјави демонстрант.

„Имам 23 години и цел живот сум под истата влада, и секогаш било исто: глупости, и само глупости. Доста е, сакам иднина за мојата ќерка“, додаде друг демонстрант.

Мадуро во обраќањето пред јавноста по победата ја обвини опозицијата дека се обидува да создаде политичка криза.

„Сакаат да направат политичка криза. Не можеле и нема да можат, но овие околности што ги преживувам ќе нè научат како да излезам уште посилен од ова“, изјави Николас Мадуро – претседател на Венецуела.

И покрај тоа што предизборните анкети покажуваа убедлива победа на опозицијата, по гласањето во неделата, Изборната комисија прогласи победа на авторитарниот претседател Мадуро. Сомневања во изборните резултати изразија и од САД и голем број латиноамерикански држави.

 

Маја Стојанова