Кривичен суд

Во септември судење за двојното убиство

30.07.2024 13:36

Судењето поврзано со двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски започнува на 4 - ти септември ...

Расправата што требаше да се одржи денеска се одложи зашто се чека обвинението за првоосомничениот, Љупчо Палевски-Палчо, за кого постапката ќе се спои со онаа за веќе обвинетите – Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, кои се товарат како соизвршители во грабнувањата и убиствата, и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање.

„Ја информираме јавноста дека главната расправа за предметот поврзан со двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче во согласност со странките е насрочена за 04.09.2024 година“, стои во соопштението од Кривичен суд.

Основното јавно обвинителство во мај поднесе обвинение против овие четири лица. Се чека и обвинението за Палчо.

Одлагањето на расправата е по барање на Скопското обвинителство, кое предложи спојување на постапката во која првично беа обвинети четворица со постапката против првоосомничениот Палевски, за кого истрагата веќе заврши.

Заврши истрагата и за Стефан Димовски, кој го возел Палевски од Србија до Турција, постапката ќе се води одвоено.

 

Наташа Гркова- Петрушевска