Преку „Мој термин“ за една година прегледани над милион пациенти
07.07.2014 13:02
Пациентот добива потсетување преку СМС порака за точниот термин, или доколку се откажува од оправдани причини...

За една година од постоењето на „Мој термин“ се закажани прегледи за преку милон пациенти. Креирани се речиси 4.220.000 упати, а издадени се преку 20 милиони рецептиза лекови. Овој систем за закажување е креиран заради олеснување на пациентите и лекарите со растоварување од непотребно чекање по неколку часа во ординациите.
За една година системот се надградуваше, коригираше, но, се уште има помали недостатоци кои со поодговорно работење на лекарите, но и постабилна техничка поддршка може да се намалат- тврдат и матичните лекари и одговорните од Министерството за здравство. Во принцип функционира добро, но заглави кај специјалисти или дејности кои се дефицитарни ,односно просторно и кадровски не можат да ги задоволат потребите на пациентите.
И барањето на одредено лекарско име создава подолга листа на чекање, иако пациентите имаат можност да одберат друг лекар или институција. Матичните лекари се жалат и на незакажување контролни прегледи од страна на специјалистите за хроничните пациенти.
Пациентот добива потсетување преку СМС порака за точниот термин, или доколку се откажува од оправдани причини. За институциите кои не ги известиле своите пациенти навреме за откажувањето, а пациентите направиле трошоци за доаѓање особено од друго место, институцијата е должна да му ја надомести штетата на пациентот.
За жал се уште има такви пропусти, а нема обештетени пациенти. И пациентите имаат обврска навреме да го откажат терминот за го искористи некој друг. „Мој термин“ не важи за итните случаи.
