Премиера на претставата „Рацин“
Вечерва на програмата на фестивалот „Охридско лето“ е премиерата на претставата „Рацин“ во изведба на актерската екипа на Националниот театар од Велес „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, во режија на Дејан Пројковски. Целта на претставата е да се дадат неколку возможни одговори на прашањето: Што нам денес ни значи Рацин? ...

Се обидовме да создадеме претстава во којашто не инспирира ликот и делото на Кочо Рацин, а тоа сето е преведено на еден современ сценски јазик, односно на нашето време. Ова на прес-конференцијата по повод вечерашната премиера на театарската претстава „Рацин“ во изведба на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ го рече режисерот Дејан Пројковски, посочувајќи дека претставата е нивна рефлексија за она што претставува денес Рацин.
„Имавме еден интересен, возбудлив процес и многу ми е драго што создавајќи го тој современ јазик во една би рекол театарска лабораторија успеавме да ја пронајдеме емоцијата на Рацин што е автентична и што некако сите длабоко во нас ја носиме“, изјави Дејан Пројковски-режисер на претставата „Рацин“.
За драматургот Сашо Димоски, но и за актерите подготвувањето на претставата бил возбудлив процес, бидејќи се занимаваат со Рацин од другата страна на стихот и зборот, од другата страна на она што има општо историско значење.
„Во драматургијата се занимавав со откривање работи во врска со Рацин кои досега нам ни се непознати. И во оваа смисла оваа претстава верувам дека ќе понуди една нова вистина за сето она кое ние го знаеме за Рацин“, изјави Сашо Димоски-драматург.
„Рацин не само што е еден од најзначајните симболи преку кој многу други луѓе се идентификуваат со Велес како наш роден град, туку е и духовна перјаница, веројатно една од највисоките национални вредности кои овој народ и оваа држава отсекогаш ги имале“, изјави Васил Зафирчев-актер.
На прес-конференцијата исто така беше речено дека ние не можеме да зборуваме за ништо од развојот на нашата современост ако го прескокнеме Рацин, ниту да го замислиме развојот на македонската современа поезија, проза и уметност без да зборуваме за неговото дело.
Сашо Нелоски
