Едно лице загина, сè уште траат пожарите на североистокот
Сè уште траат пожарите во североистокот. Најсериозна е состојбата во кумановско Кокошиње каде што загина повозрасен маж поради задушување. Се интервенира и зафатена е и поголема површина и во козјачкиот регион, селото Малотино во Старо Нагоричане...

Повозрасно лице од кумановско село Кокошиње почина, најверојатно поради задушување од чад. Неговата сопруга успешно е евакуирана. Во оваа село сè уште е активен пожарот, но и на други локации во североистокот. Пожарникарите од вчера делуваат на терен. Зафатени се куќи, претежно стари и напуштени. Пожарот е префрлен на непристапен терен па затоа во гаснењето се вклучија и Ер трактори, три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Екипата на противпожарната единица од Куманово регистрира дури 11 пожари.
Сериозен пожар ја зафати и општина Старо Нагоричане. Зафатени се неколку села, но пожарот сè уште е активен во Малотино, Козјачкиот регион. На терен се два хеликоптери, припадници на армијата и противпожарната единица.
Жителите на ова село за МРТВ раскажаа дека пожарот бргу се ширел, дополнителен проблем бил ветрот.
Теренот е многу тежок за гаснење, нема пристап за возило, а отежнувачка околност е и силниот ветер.
Сè уште е рано да се зборува за штетите коишто ги предизвикаа пожарите. Но зафатена е поголема површина, гори сува трева и нискостеблеста деградирана шума.
Елена Георгиевска
