Скопје чека абер од Брисел за реформската агенда
Скопје чека повратен одговор од Брисел за реформската агенда. Ова е главниот предуслов за да добиеме средства од планот за економски раст. Првата транша се очекува во септември. Пари чекаме, ама оние што ги имаме на располагање не умееме да ги користиме.

За само две години, Македонија изгубила 79 милиони евра пари од ИПА фондовите. Проценките се дека до крајот на 2024, државата ќе остане и без 43 милиони евра за реализација на стратешки проекти. Поразителна е искористеноста на парите од европските фондови. Причините, според министерот Муртезани, се спората реализација и недостигот од кадар. Владата најавува стратешки мерки.
Дел од парите од ИПА 2 се и за изградбата на железничката пруга до Бугарија, за која власта тврди дека завршува во тунел. Министерот Муртезани, вели дека до него не стигнало барање за пренамена на средствата. Очекува во втората половина од септември да стигне и првата транша од планот за раст на Европската комисија.
Македонија располага со 302,4 милиони евра од ИПА фондовите. До крајот на 2023 година биле склучени 58 договори во вредност од 109,1 милион евра, што значи дека парите од ЕУ имаат искористеност од само 34 проценти.
Викторија Милевска
