Стојковски: Постапките за езерото „Младост“ и хаваријата во Градско се во тек
Колекторски систем има, но фекално загадување во велешкото езеро „Младост“ има, потврди Инспекторатот за животна средина. За поморот на риба во Градско од викендов, сопственикот на биогасната централа се соочува со казна и до 120 илјади евра...

Фекалии се влеваат во велешкото езеро „Младост“ и покрај тоа што функционира дел од колекторскиот систем – покажале анализите на Државниот инспекторат за животна средина . Загаденоста негативно влијае врз опстанокот на животинскиот свет во езерото и водата не е безбедна за капење и рекреирање. Микробиолошката загаденост е од петта категорија.
„Покрај тоа што функционира дел од колекторскиот систем истражувањето и анализите покажаа дека имаме фекално загадување, а тоа е од антропогеното влијание на човекот во овој дел. Водите од целиот колекторски систем потоа завршуваат во Вардар, значи не се третираат. Како што е и во нашата метропола каде што сите фекални води завршуваат во Вардар“, изјави Сретен Стојковски – директор на Државниот инспекторат за животна средина.
Парична казна од 120 илјади евра му се заканува на сопственикот на биогасната централа во Градско, откако викендов попушти дел од насипот и поголемо количество течно ѓубриво истече во реката Вардар. Во еколошката катастрофа, забележан голем помор на риби.
„Предвидена е санкција од 110 до 120 илјади евра во денарска против вредност, правното лице е среден трговец и шест илјади евра во денарска противвредност за одговорното лице“, изјави Сретен Стојковски – директор на државниот инспекторат за животна средина.
Директорот на Инспекторатот за животна средина го потенцираше и проблемот со недостиг од кадар . Во овој период инспекциски надзори вршат 15 инспектори за животна средина, три за природа и двајца водостопански инспектори. Проблем е старосната структура, имаат 14 инспектори над 55 години.
Андријана Ѓурческа
