Блиски Исток

Блискиот Исток на чекор од разгорување на војната

30.07.2024 16:03

Растат тензиите на Блискиот Исток. Се повеќе земји бараат нивните државјани да го напуштат Либан, во очекување на израелскиот одговор на саботниот напад врз Голанската висорамнина. Се откажуваат и меѓународни летови кон Бејрут. Вашингтон се обидува да спречи тотална војна...

Војната која повеќето луѓе на планетава не ја посакуваат може наскоро да избувне. Додека клучните играчи на Западот се обидуваат да ја запрат најавената одмазда на Израел за колежот направен меѓу децата на Голан, во Бејрут тотален хаос на аеродромот Харири. Аеродромскиот сообраќај е преполовен, некои од европските компании ги запреа летовите.

„Сите велат дека состојбата не е добра и дојдов да се уверам со пријателите и семејството. Што и да се случи, на крајот од денот ова е мојата земја“, вели Амал Ахмедиех-Либанец.

„Има некои летови кои се одложени. Блискоисточните авиолинии и турската авиокомпанија се. Уште пристигнуваат. Од Турција дојдов во Либан“, вели Али Шахими-Либанец

„Навикнати сме на израелските ловци. Не се плашиме од нив“, изјави Мохамед Могалид.

Така не мислат сојузниците на Израел. За Даунинг 10, состојбата е крајно загрижувачка, во Стејт департментот оценија-војната Израел со Хезболах не е неизбежна, Рим го предупреди Тел Авив да не падне во замката.

„Состојбата на границата меѓу Либан и Израел е де факто крајно загрижувачка. Ги предупредуваме страните претпазливо да дејствуваат. Хезболах мора да запре со нападите и со нивната дестабилизирачка активност“, изјави Дејвид Леми-секретар за надворешни работи на Обединетото кралство.

„Независно дали Израел може да се справи со војната во Газа и истовремено во Либан. Израел ќе направи што треба за да се одбрани. Ова не е сценарио што го посакуваме да се случи. Ни треба дипломатско решение“, изјави Лојд Остин-секретар за одбрана на САД.

„И кога сме блиску до примирјето, во еден миг нешто ќе се случи. Загрижени сме. Кина којашто има солидни односи и со Техеран и со Ријад, работи на нормализација на односите меѓу Арапските земји и Израел“, изјави Џорџа Мелони, премиерка на Италија.

Во Кан Јунис во Газа, населението се враќа во домовите кои веќе и не постојат по неброените израелски бомбардирања. Тел Авив прогласи воена состојба пред 10 месеци, повремено разменувајќи бомбардирања со Техеран, Дамаск, Бејрут од кадешто дејствуваат проиранските групации.

Зоран Богатинов