Исплатата на парите од „Мој ДДВ“ ќе започне по усвојувањето на ребалансот на Буџетот
Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, рече дека исплатата не може да почне додека не помине ребалансот оти не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година …

Исплатата на паричните средства од „Мој ДДВ“ за периодот април, мај и јуни нема да започне пред да се донесе ребалансот на Буџетот за 2024 година бидејќи, како што вели директорката на Управата за јавни приходи Петрова, во сегашниот буџет на УЈП не се предвидени доволно средства за исплата. Затоа, вели таа, неопходно е носењето на ребалансот пред да се започне со исплатата на парите за второто тримесечје.
„Исплатата не може да почне додека не помине ребалансот на Буџетот бидејќи во буџетот на УЈП за 2024 година не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година. Испланираните средства за ’Мој ДДВ‘ во најголем дел се потрошени и затоа мораме да го чекаме ребалансот на државниот Буџет и потоа да бидат испланирани средства“, рече Петрова.
Очекувањата според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, е ребалансот на Буџетот за 2024 година да биде усвоен во втората недела од август, по што, како што вели, ќе започне консолидација на затекнатите состојби.
