Денеска се регистрирани рекордни 54 пожари, сѐ уште беснее огнот кај Пехчево
Денеска се регистрирани рекорден број шумски и пожари на отворено, дури 54, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов...

Денеска се регистрирани рекорден број шумски и пожари на отворено, дури 54, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Во моментов акривни се 19 пожари што се очекува да горат и во текот на ноќта, а 35 пожари се целосно изгаснати или ставени под контрола.
Според Ангелов, сè уште беснее пожарот кај Пехчево што го загрозува селото Негрево.
„Се прават силни напори од земја за да биде воспоставена контрола врз огнот за да не се дозволи негово ширење во насока на селото Негрево и во насока на Пехчево. Поставена е механизација, направени се противпожарни пресеки. Локалните пожарникари поддржани од локалното население ќе се обидат во текот на ноќта да го одбранат селото, но и Пехчево“, вели Ангелов.
Покрај овој, сериозен пожар има и кај Куманово, како и кај кратовското село Татомир каде огнот се приближил до куќите и се прават напори селото да се одбрани од пожарот. Пожари беснеат и кај Свети Николе, како и на територија на Општина Македонски Брод каде гори со денови.
Ангелов очекува и утре да биде тежок ден со оглед на топлото време и ветрот што се најавува.
