Ивановски: Ќе нема заборавени предмети во администрацијата
Со електронското управување на документите ќе се намалат и турканиците на шалтерите...

Секој предмет што влегува во административна постапка ќе биде електронски процесуиран. Ќе има точно прецизирани рокови и одговорните лица ќе имаат увид во текот на постапката. Со електронското управување на документите ќе се намалат и турканиците на шалтерите.
„Повеќе ќе нема заборавени предмети, бидејќи движењата на документите ќе се следат електронски и во секој момент едно одговорно лице, од било кое одделение, од било кој сектор, од било која институција да може од својот компјутер да следи како се решаваат предметите“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Набавени се 23 нови скенери, кои обработуваат 60 листови во минута, што ќе ја забрза постапката за обработување на документи. Потрошени се 1.520.000 денари.
Од 1 јануари 2014 година системот за електронско управување со документи е достапен во 10 институции со тенденција да бидат опфатени сите министерства и секретаријати.
139.000 документи се веќе електронски архивирани или пак разменети. Ова овозможува поефикасно и поквалитетно работење на администрацијата.
„Ги обезбедува следните функционалности: брз проток на документи и информации во деловниот систем, документација врз чија основа се спроведуваат деловните процеси, унапредување на поединечното и севкупното функционирање на процедурите, преку стандардизирани софтверски процеси“, нагласи министерот Ивановски.
Надграден со софтверски решенија и со извршена обука на вработените активно се спроведува системот за електронско управување со документи во институциите.
Лука Андреев
