Блиски Исток

Убиен Исмаил Ханије лидерот на Хамас

31.07.2024 09:41

Еден ден откако присуствувал на инаугурацијата на новоизбраниот ирански претседател, во Техеран убиен политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије. Потврда стигна само од палестинската милитантна група, Тел Авив не ја коментира информацијата. Од израелска страна соопштуваат само за ликвидацијата на командантот на Хезболах, Фуад Шукур...

Ликвидиран Исмаил Ханије – политичкиот лидер на палестинската екстремистичка група, потврдуваат од Хамас. Според нив, Ханије е убиен во израелски воздушен напад во неговата резиденција во Иран. Престојувал во Техеран за инаугурацијата на новоизбраниот ирански претседател Масуд Пазешкијан. Палестинскиот претседател Махмуд Абас со осуда за убиството на водачот на Хамас.

„Во раните утрински часови беше погодена резиденцијата на Исмаил Ханије во Техеран. Загина и еден од неговите телохранители. Причините за овој инцидент се под истрага, а резултатите ќе бидат објавени подоцна. Револуционерната гарда изразува сочувство за херојот на палестинската нација“, изјави спикер на иранската национална телевизија.

Од израелска страна сè уште нема потврда за ликвидирањето на Ханије, а убиството не сакаше да го коментираат ниту американскиот државен секретар за одбрана Остин. Но, тој ја повтори американската поддршка за Израел во услови на ескалација на тензиите во регионот.

„Немам ништо што би додал за ова. Сигурно го слушнавте известувањето, но немам дополнителни информации. Ме слушнавте и вчера, доколку Израел биде нападнат, ние сигурно ќе помогнеме во неговата одбрана“, изјави Лојд Остин – државен секретар за одбрана на САД.

Но, израелската страна ја потврди елиминацијата на Фуад Шукур, командат на Хезболах за кој Тел Авив тврди дека стои зад ракетниот напад на Голанската висорамнина во кој загинаа 12-тмина израелски тинејџери.

Фуад Шукур беше терорист кој ја има крвта на израелци и многу други луѓе на неговите раце. Постојаната агресија и бруталните напади на Хезболах го влечат народот на Либан и на целиот Блиски Исток во широка ескалација“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската армија.

Хезболах негираше вмешаност во нападот, но Израел вети одмазда кон либанската милитантна група.

 

 

Маја Стојанова