Отворен 53-от Балкански фестивал во Охрид

07.07.2014 13:37

Во Охрид е отворено 53-тото издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Манифестацијата која придонесува за зближување на народите преку песните, игрите и традициите ја отвори Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски...

Со настапите на Националниот ансамбл „Танец“ и Фолклорниот ансамбл „Гоце Дечев“ од Неврокоп- Бугарија, синоќа беше подигната завесата на 53-тото издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Отворајќи го фестивалот, покровителот, Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски рече дека е потребно како држава, но и како поедници постојано да се залагаме и ангажираме за зачувување, негување на тоа што значи традиција и културни обележја, кои не потврдуваат како дел од европската култура и како дел од севкупното цивилизациско и културно наследство.

„Токму народната игра и песна како дел од фолклорот и дел од севкупното духовно творештво на еден народ се значаен субјект на националниот и културниот идентитет на секој народ. Имуни на времето, на државните граници и дневно политичките случувања“, истакна Вељаноски.

Гостите и учесниците на фестивалот од името на градот домаќин ги поздрави градоначалникот, Никола Бакрачески.

„Охрид деновиве ќе сјае во колоритот на носиите и ќе ве разгалува со играта и песната на многу народи,во чија основа лежи фолклорот, како еден од позначајните темели на специфичните култури и национални идентитети“, рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

На летната сцена Долни Сарај во наредните пет фестивалски вечери ќе продефилираат 12 ансамбли од 8 држави,  како и три фолклорни друштва на нашите иселеници од Австралија.

 

Сашо Нелоски