Куманово - пожари

Сè уште гори во Старо Нагоричане, Куманово стабилно

31.07.2024 13:24

Сè уште гори дабова шума во козјачкиот регион. На терен неколку дена се пожарникарите од Старо Нагоричане кои имаат воздушна поддршка од полициски хеликоптер. Во Куманово пожарите се локализирани...

Пожарникарите од Старо Нагоричане сè уште се справуваат со пожарите во Малотино и Рамно. Гори дабова и нискостеблеста шума, а во близина е и бор. Тие имаат воздушна поддршка од полициски хеликоптер, а помагаат и екипи на Национални шуми, армијата и мештани. Пристигната е и екипа од соседна Србија која треба да помогне во справувањето. Од противпожарната единица укажуваат дека веќе четири дена се на терен на високи температури и прават сè што е во нивна можност.

„Засега по куќи нема но гори дабова шума, гранки и нискостеблеста шума со индиции доколку се прошири може да фати и бор“, истакна Далибор Трајковски, командир ТППЕ Старо Нагоричане.

По неколкудневна борба изгаснати се пожарите во Кокошиње и Кшање. Од кумановската пожарна информираат дека засега е мирно и нема нови пријави. Сè уште не се знае колкави се штетите.

„Моментално општина Куманово нема активни пожари. Контактирано е и со население во Кокошиње, селото е безбедно, во моментот нема активни пожари сите пожари се ликвидирани“, нагласи Деан Илиевски, командир ТППЕ Куманово.

Од единицата информираат дека целосно е изгаснат и пожарот во селото Живиње, каде во ноќта постоеше опасност да бидат зафатени и куќи.

Освен во кумановско пожарникарите делуваа и на неколку локации во липковско, Лојане и Ваксинце.

Во североистокот сериозен е и пожарот во кратовски Татомир.

 

Елена Георгиевска