Ретроспективна изложба од Вангел Наумоски
По повод стогодишнината од раѓањето на еден од најпознатите македонски уметници Вангел Наумоски и седумдесет годишнината од неговата прва самостојна изложба во Охрид ќе биде отворена ретроспективна изложба на неговите дела. Изложбата и останатата програма има за цел да се презентира културата и уметничките вредности со кои располагаат Охрид и Македонија.

Ретроспективната изложба по повод стогодишнината од раѓањето на големиот уметник ќе се отвори во Галеријата во домот на Вангел Наумоски исто како некогаш точно на полноќ наспроти Илинден, а посетителите ќе можат да видат дел од неговиот творечки опус.
„Бидејќи е 100-годишнина правиме една ретроспектива во која посетителите ќе имаат една претстава како се движел Вангел во неговиот ликовен израз, а со тоа и со неговата идеолошка поставеност, емотивна и инспиративна.“, изјави Рубенс Наумоски-син на уметникот.
Делата на Наумоски се наоѓаат во многу музеи во земјава и ширум светот, а има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби. Посетувајќи ја неговата изложба во Париз во 1970-тата Салвадор Дали изјавил дека тој е сликар од бајките.
„Ќе ја презентирам изјавата од Жан Мари Дрот. Тоа е изјава од 1962 година. Вели: мислам дека уште покрај двајца други тој отишол најдалеку во уметноста. Него не би можеле да го вклучиме во наивната уметност, туку пред сè во уметноста со почетна голема буква“, изјави Рубенс Наумоски-син на уметникот.
Утревечер на полноќ покрај изложбата, посетителите ќе уживаат во придружната програма, а академик Јордан Плевнеш ќе ја презентира неговата творба „Песна за бесмртниот Вангел“.
Сашо Нелоски
