Повторно се бара екстрадиција на Демири и Исламиловиќ, осудени за случајот „Монструм“
Министерството за правда по шест години повторно бара екстрадиција од Косово на двајцата осудени за тероризам во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Досега немавме разбирање од Приштина. Министерот Филков не сака да прејудицира каква сега ќе биде одлуката на косовските власти.

Македонија повторно бара екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотен затвор во случајот „Монструм“ за тероризам. По шест години, надлежните почнаа нова постапка откако претходно, во два наврата барањето беше одбиено.
Додека Македонија бара екстрадиција од Косово, до Македонија стигна барање од Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, кој беше приведен на граничниот премин Јажинце. Косово не ги поврзува двете постапки.
Филков најави и ново барање и за екстрадиција на осудениот експремиер Никола Груевски. Министерството за правда ќе бара штом ќе се создадат услови. Истакна дека со голема внимателност се следат сите случаи за кои е распишана потерница и ќе постапуваат, без исклучок.
Наташа Јанчиќ-Менковски
