Меркел: Тврдењата за американско шпионирање- сериозно прекршување на довербата

07.07.2014 14:17

Меркел на прес-конференција во Пекинг, за прв пат јавно реагираше на тврдењата дека американски шпион дејствувал во германската разузнавачка служба...

Обвинувањата дека германски агент работел како двоен шпион за САД, доколку се покажат точни, се многу сериозни и се во целосна контрадикторност на она што би требало да биде соработката и доверба помеѓу партнери, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел, која се наоѓа во тридневна посета на Кина.

Меркел на прес-конференција во Пекинг, за прв пат јавно реагираше на тврдењата дека американски шпион дејствувал во германската разузнавачка служба.

„Ако се покажат точни тврдењата за посоење на двоен агент, тогаш тоа може да биде „сериозно прекршување“ на меѓусебната доверба“, рече Меркел.

Оваа реакција на Меркел, се случува откако минатата недела, германското контраразузнавање уапси еден Германец, оперативаец на БНД, под обвинение дека им предавал на Американците тајни и доверливи разузнавачки материјали. Уапсениот се товари дека на својата американска врска, во период од две години, им предал преку 200 вакви документи. За предаданите тајни документи, тој добил 25 илјади евра.

Медиумите во Берлин, повикувајќи се на неидентификуван германски политичар објавија дека уапсениот разузнавач, самиот им се понудил на американските тајни служби за соработка. Според овој извор на германските медиуми, предавањето на тајните документи од парламентарната комисија на германскиот Бундестаг уапсениот го вршел без да прима пари.