Сиљановска-Давкова утре по повод Илинден во Пелинце
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ, ќе има обраќање и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец“...

Во Пелинце, со почеток во 10:00 часот, претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ, ќе има обраќање и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец“.
Во манастирот „Прохор Пчински“, претседателката Сиљановска Давкова ќе биде пречекана од страна на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Во состав на државно-црковната делегација која ја предводи претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски Григориј.
Во Скопје, делегација од Кабинетот на претседателот, ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, пред споменикот на Никола Карев пред Собранието и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“.
Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, пред споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен.
Во Смилево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, пред споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.
