Блиски Исток

Нова дестабилизација на Блискиот Исток

01.08.2024 12:51

Али Хамнеи, верскиот водач на Иран, најави одмазда за Израел поради убиството на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на палестински Хамас. Во Техеран, масовен погреб на кој присуствуваше и религиозниот врв на исламска република. Повици од масата, бараат смрт за Израел. Нетањаху веќе им одговори, подготвени сме на сите сценарија за одбрана на државата. Блискиот Исток е на пат кон тотално насилство, предупреди американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Во знак на одмазда, врховниот лидер на исламската република Али Хамнеи нареди директен напад врз Израел, единствено не се познати времето и локацијата. Сиот израелски имот во светот е потенцијална мета. Во Техеран, илјадници се собраа на закопот на Ханије, којшто загина во куќата од чиј балкон ја поздрави инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкјан. На процесијата се вееја ирански и палестински знамиња, на удар беше и Вашингтон поради поддршката на Тел Авив. 

„Смрт за Израел“, извикуваа демонстрантите.

„Крвта на нашиот гостин не смее да се пролева на нашата територија и затоа мора да има одмазда“.

„Израел ништо не постигна, единствено ги зголеми нашиот бес и отпор“.

И Карачи бара одмазда, и во Пакистан оценуваат дека чувствителниот регион е на работ на војната. Ги осудија и нападите врз Либан.

„Вчерашниот атентат на Исмаил Ханије, шефот на политичката канцеларија на Хамас во Техеран е акт на опасна ескалација и во регионот ги поткопува напорите за мир. Убијците мора да бидат казнети“, изјави Мумтаж Зара Балок-портпаролка на Министерството за надворешни работи на Пакистан.

Израел прогласи воена состојба лани во април и е подготвен на сите можни воени сценарија. Одговорот на израелскиот премиер беше дополнет со најновата информација, во јули го елиминиравме и Мохамед Деиф, лидерот на военото крило на Хамас.

„Секој што врши колеж врз нашите деца, којшто ги убива нашите деца, секој што ја гранатира нашата земја, нивната крв е нивна одлука. Граѓани на Израел, деновите на предизвиците се пред нас. Ние сме подготвени на секакво сценарио, обединети против секаква агресија“, изјави Бењамин Нетањаху-премиер на Израел.

На Лонг Ајленд итна седница на Советот за безбедност поради дестабилизацијата на Блискиот Исток. Првиот американски дипломат, Ентони Блинкен повика на стивнување на барабаните на војната.

„Очигледно е дека примирјето е во интерес на секого. Во интерес на Израелците, во интерес на Палестинците. Во интерес на регионот. Мораме да дојдеме до договор да го прекинеме злобниот круг на настаните“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Со ликвидациите на Дејф и на Ханије, Хамас е обезглавен, останува дејствувањето на Ал Фатах, на западниот брег во Израел. Исмаил Ханије беше клучниот човек на Хамас за преговорите со Израел за ослободувањето на израелските заложници, киднапирани лани во октомври.

 

Зоран Богатинов