АХВ: Потенцијално небезбедните коцки за супа не се пуштени во промет
Со шпекулациите објавени на социјалните мрежи дека на пазарот се продаваат небезбедни производи, потенцијално небезбедните коцки за супа не се пуштени во промет, целокупното количество складирано во магацинот на увозникот ...

Во врска со шпекулациите објавени на социјалните мрежи дека на пазарот се продаваат небезбедни производи (коцки за супа), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја информира јавноста дека во врска со добиеното известување за увезени потенцијално небезбедни производи – говедска коцка за супа на производителот „Подравка“, серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година, по спроведениот вонреден инспекциски надзор во магацин на компанијата увозник, утврдено е дека целокупното увезено количество од производите со посочените серии и рокови на употреба не е пуштено во промет, односно, потенцијално небезбедните производи се наоѓаат во магацинот на увозникот.
Станува збор за 2.400 парчиња говедска коцка за супа од по 120 грама увезени на 15.07.2024 година и исто количество пилешка коцка за супа увезени на 16.07.2024 година, сите со посочените серии и рокови во известувањето добиено во вторникот доцна попладне, преку Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASFF – Window) со референтен број 2024.5845.
Инспектор за храна на АХВ по спроведениот вонреден надзор на операторот со храна му издаде забрана за пуштање во промет на наведените производи и нареди нивно нештетно уништување на депонија.
