Туризам

Охрид преполн со туристи

01.08.2024 13:44

Охрид го живее шпицот на туристичката сезона. Традиционално огромен наплив на гости за време на Илинденскиот празник. Овој период најбројна е младата популација од земјава. Туристичките работници генерално задоволни од сезоната, велат во Охрид нема слободни соби, апартмани, а целосна исполнетост ќе има до средината на август...

Традиционално околу Илинден Охрид го живее шпицот на сезона, градот е преполн со туристи. Раздвижено насекаде, во вечерните часови, посетителите едвај се разминуваат на охридското шеталиште.

Туристичките работници генерално се задоволни од сезоната, велат во Охрид нема слободни соби, апартмани, а целосна исполнетост ќе има до средината на август.

Хотелските капацитети се 100% исполнети, во текот на оваа недела мислам дека и нема слободна соба, ниту во приватните сместувачки капацитети. Домашната публика тука е секако застапена имаме гости од нашата држава, но сведоци сме дека имаме многу помлада публика, вели Челик Асим туристички работник од Охрид.

Овој период најбројна е младата популација од земјава, кои доаѓаат за големиот број концерти и фестивали. Но, има туристи и од европските земји Холандија, Англија, Полска, Турција, Чешка.

„Остануваме овде 15 дена. Голем одмор прв пат сме овде. Ми се допаѓа земјата ми се допаѓаат луѓето, храната е убава“, велат гости од Холандија.

„Сум била овде пред 5 години, и еве сега повторно навистина е многу убаво. Ми се допаѓа“, вели гостинка од Косово.

„Убаво е. Втор ден сум овде, сместени сме во хотел. Ни се допаѓа езерото убава е водата“, вели гостин од Англија.

„Јас сум од Турција, три дена сме овде убаво е многу“, вели гостинка од Турција.

„Многу е убаво не сакаме да си одиме дома. Свети наум и луѓето се многу љубезни“, велат гости иселеници во Австралија.

Редици народ пред маркетите и пекарите, метеж во сообраќајот, гласна музика насекаде, насобрани друштва во парковите до раните утрински часови. Ваквата е сликата деновиве во Охрид, градот со капацитет од околу 40 000 легла за туристи.

Голем број полициски службеници и медицински тимови на Црвениот крст деновиве ќе се грижат за безбедноста на посетителите.

 

Соња Рилковска