ИЈЗ

ОЈО истражува диверзија или саботажа на фрижидерите на ИЈЗ

01.08.2024 16:12

На одделот за бактериологија во Институтот за јавно здравје вчера се случила диверзија. Хигиеничарката забележала дека огромната соба со фрижидери во кои се чуваат реагенси за бројни микробиолошки испитувања на заразни и незаразни болести – не работи, односно фрижидерите се исклучени...

Некој ги исклучил осигурувачите во разводаната табла на Институт за јавно здравје, но не сите, туку само оние за фрижидерот и комората на Одделот за бактериологија. Тоа кај надлежните буди сомнеж за диверзија, бидејќи во ладилникот се чуваат реагенси за голем број заразни заболувања. Нивното уништување би предизвикало општа опасност за живот и здравјето на граѓаните. Директорката на Институт за јавно здравје Андоновска, повикала полиција откако хигиеничарката околу 16 часот ја известила дека фрижидерот и комората не работат.

Претпоставуваат дека осигурувачот е исклучен по 14.30 часот, бидејќи претходно здравствените работници ги извршувале работните задачи. Се проверува дали реагенсите кои извесен период биле во ладилниците ќе можат да се користат.

Вчера попладне полицијата направила увид во Институт за јавно здравје. Основното јавно обвинителство отвори предистрага по допрен глас и истражува дали во оваа здравствена установа се случила диверзија или саботажа.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски