Финансии

Проектирани средства во ребалансот согласно закон

01.08.2024 16:39

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на брифинг информираше за плановите околу државното ќесе. Во меѓувреме во Собранието се води расправа околу новите планови на Владата...

Зголемени буџетски средства за плати во јавниот сектор, за пензиите, за субвенции во земјоделскиот сектор во ребалансот на буџетот за 2024 година. Државата од 2014 досега од буџетот издвоила над 150 милиони евра само за извршни исправи, а се плаќале и огромни провизии на кредити од меѓународните финансиски институции кои биле повлечени, а не биле реализирани навремено според планот, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на брифингот со новинарите. Според неа, обезбедени се вкупно 4,1 милијарда денари за плати и пет милијарди денари за исплата на пензиите. Таа информираше дека вкупните приходи во буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари, што е за 8,22 милијарди зголемување. Планирано е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки. Расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари, што е зголемување од 19,178 милијарди денари. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето-платата за 13 проценти. Од 2024 до 2028 државата само по основа на камати треба да исплати 1,800 милијарди евра.

Во меѓувреме, тече собраниската расправа за ребалансот на буџетот каде што власта и опозицијата се надмудруваат за прекројувањето на државното ќесе.

Знаејќи го ставот на опозицијата, ресорната министерка посочи дека за судството е скратена сумата само во делот за вработување затоа што во изминатиот период се покажало дека за ова се двоеле пари од буџетот, но дека не се вработувале нови кадри, туку со пренамена на средствата се давале додатоци на плати до 35 насто од нето-платата.

Претставниците на Судскиот буџетски совет и на државното Јавно обвинителство на расправата за ребалансот на буџетот излегоа со забелешки дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за Обвинителството, бидејќи тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.

 

Игор Панов