Идната година завршува надградбата на магистралниот пат Велес – Кадрифаково
До крајот на идната година се очекува целосно да биде реконструиран и надграден овој патен правец, со што сегашната широчина од 6,4 метри ќе се зголеми на 5,55 метри во еден правец, односно за околу 11 метри во двата правци...

Најфреквентниот патен правец во источниот дел на државата, Велес - Кадрифаково до крајот на идната година се очекува целосно да биде реконструиран и надграден, со што сегашната широчина од 6,4 метри на овој патен правец ќе се зголеми на 5,55 метри во еден правец, односно за околу 11 метри во двата правци.
Станува збор за реконструкција во вкупна должина од 24 километри што се финансира со средства од Европската банка за обнова и развој.
Првата фаза од клучката Велес до велешката депонија е веќе завршена и во моментот се работи на втората фаза од велешката депонија до Лозово во вкупна должина од 8,9 километри.
„Градежните активности течат согласно зацртаната динамика и очекуваме до крајот на оваа година или додека дозволуваат временските услови да се заврши најголем дел од трасата, односно патот да биде пробиен по целата негова широчина. Сето ова се прави за да се елиминираат црните точки, јаките свиоци и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“ рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски при денешниот увид на текот на градежните работи на овој патен рпавец.
За третата фаза од реконструкцијата, од Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково со вкупна должина од 10,9 километри веќе е склучен договор со градежна компанија и за околу еден месец се очекува да започнат градежните работи и на овој дел од делницата.
Околу 12 „црни точки“ на овој патен правец, го отежнуваат движењето кон, и од, источна Македонија на околу 5.000 возила кој дневно ја минуваат оваа делница, а дозволената брзина на движење е околу 60 километри на час. Со реконструкцијата и проширувањето ќе се елиминираат „црните точки“ и се очекува просечната брзина на овој патен правец да се зголеми на околу 90 километри на час.
- Со реконструкцијата, надградбата и проширувањето, овој патен правец прераснува во брза магистрала на која ќе бидат елиминирани сите „црни точки“ така што ќе се добие еден безбеден патен правец со дозволена брзина од 90 километри на час, нагласи Георгиевски.
