Продолжува традицијата на илинденскиот пливачки маратон во Охрид
Во чест на големиот празник во Охрид се одржа илинденскиот пливачки маратон, кој од година во година е сè помасовен. Оваа спортска манифестација влече традиции од пред седумдесет години, а нејзиното одржување е прекрасно доживување и за големиот број туристи...

Традицијата продолжува. Денеска се одржа 45-издание на Илинденскиот пливачки маратон на патеката на патеката Горица-Охрид во должина од 2,5 километри. Најуспешни во главната трка во машка и женска конкуренција беа Петар Цеков од ПК „Вардар“ од Скопје и Сара Јанковиќ од ПК „Скопје“.
„Честит Илинден на сите Македонци што го празнуваат и чест ми е да бидам дел од Илинденскиот маратон, чест ми е што победив“, изјави Петар Цеков-ПК „Вардар“.
„Супер беше водата, пријатно за пливање и времето беше убаво“, изјави Сара Јанковиќ-ПК „Скопје“ Скопје.
„Моето име е Брендон Мекинли. Јас сум оженет со убава Македонка и доаѓаме овде секоја година. Пливачкиот маратон е прекрасна работа и сум горд што бев дел од трката“, изјави Брендон Мекинли-САД.
Илинденскиот пливачки маратон има долга традиција. За прв пат се одржал пред 70 години на иницијатива на охридски пливачи и тренери меѓу кои биле Александар Леко Радич, Славе Филев, Нико Нестор, Цане Пскали и други ентузијасти. На првата трка во 1954-тата година победил познатиот македонски пливачки маратонец Нико Нестор. Љубовта кон езерото и овој маратон сè уште тлее во срцата на некогашните маратонци.
„Како куриозитет ќе го земеме 83 година како податок Билјана Стајковиќ победила на тој маратон и денеска истата, значи 2024 година зема учество, ќе плива на денешниот маратон“, изјави Кочо Паскали-ПК „Охридски бранови“.
Како што вели Паскали на маратонот пливаат и лица кои никогаш не биле дел од овој спорт.
„Значи имаме Томе еден, имаме наш сограѓанин. Тој е 70 години, сака да плива“, изјави Кочо Паскали-ПК „Охридски бранови“.
Покрај оваа спортска манифестација во Охрид се одржаа и повеќе други пригодни настани со кои им се одаде почит на илинденците кои ги положија животите за слободата на македонскиот народ.
Сашо Нелоски
