Јабука

Македонците во Србија го одбележаа Илинден во Јабука

02.08.2024 15:31

Според законските прописи кои ги регулираат празниците за малцинствата, 2 Август се признава како државен празник за македонското национално малцинство во Србија и тој е неработен ден за Македонците, со можност за негово одбележување...

И годинава претставници на бројните македонски здруженија во Србија, на Македонскиот национален совет, претставници од Министерството за малцински и човекови права, со полагање венци и цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Јабука крај Панчево, во истоименото училиште им оддадоа почит на двата Илиндена.

Најголемиот македонски национален празник покрај Јабука се чествуваше со пригодна програма и во повеќето градови каде што живее бројната македонска заедница.

„Централната манифестација е во Јабука, каде што е најголемата концентрација на македонската заедница. Вчера Илинден беше одбележан во Ниш, Врање, Качареви, во Белград, а централната прослава одлучивме да ја одбележиме преку соработка на МПЦ-ОА и СПЦ, организиравме литургија на македонски јазик во црквата „Св. Пророк Илија“ во Јабука и ќе одржиме свечена седница на националниот совет“, изјави Зорица Митровиќ, претседател на Македонскиот национален совет во Србија.

Според законските прописи кои ги регулираат празниците за малцинствата, 2 Август се признава како државен празник за македонското национално малцинство во Србија и тој е неработен ден за Македонците, со можност за негово одбележување.

„Илинден е најголем празник на Македонците и значаен датум на македонското малцинство во Србија и обврска на Министерството за малцински и човекови права е овој празник заеднички со своите сограѓани да се одбележи. Наша задача е да ги поттикнеме во сите активности што ги преземаат и да им помогнеме, оти богатството на едно општество и на Србија е во различноста“, изјави Александар Радосављевиќ, помошник-министер во Министерството за човекови и малцински права на Р.Србија.

На барање на македонската заедница во Србија, во Јабука во православниот храм „Св. Пророк Илија“, се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник. Литургија ја одржа јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово во Срем со благослов од надлежните епископи на Српската православна црква и архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Од Јабука за МТВ-Оливер Бранковиќ.