Македонија

Реакции за односот кон Османи на скопскиот аеродром

02.08.2024 16:10

Низа политички реакции за случајот со косовската претседателка на скопскиот аеродром. Откако МВР соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието им се заканувало на вработените на ТАВ кои побарале од Вјоса Османи да го остави телефонот кога ја минувала граничната контрола, собранискиот спикер Гаши, вели интервенирав да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент. Опозицијата бара одговорност за целосно расчистување на случајот. Од ТАВ демантираат дека била загрозена безбедноста на патниците...

Низа реакции за односот на службените лица кон косовската претседателка Вјоса Османи. Од ТАВ велат дека обезбедувањето на скопскиот аеродром согласно протоколите сите патници, нивниот багаж и предмети што ги носат на комерцијален лет мора да имаа безбедносен преглед пред да влезат во авионот. Негираат дека аеродромското обезбедување се обидело да го одземе телефонот на Османи.

„Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот оддел за обезбедување од страна на одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, соопштија од ТАВ.

Како што соопштија од МВР во инцидентот се вмешало и обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, наводно се заканувало на вработени во ТАВ и турнале полициски службеник вработен на граничниот премин.

По реакциите од кабинетот на собранискиот спикер, дека обидот на Османи да се одземе личниот телефон е спротивен на меѓународните практики, Африм Гаши вели дека само инетревенирал да се смири ситуацијата да не се направи дипломатски скандал.

И од ДУИ го осудија инцидентот, велат ваквиот однос на државата кон секој граѓанин, а особено кон највисоките претставници на државата, а во овој случај, како што рекоа во ДУИ, нашите сестри и браќа од Косово, е неприфатлив и мора да биде најстрого казнет.

Од СДСМ прашуваат, дали се прикрива вистинската верзија за тоа што се случило и од кои причини?

ДУИ користи лаги и манипулации во обид да му наштети на „Вреди“, без да се грижи за последиците што може да му ги нанесе на Косово велат од коалицијата.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово изрази загриженост поради синоќешниот инцидент нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, косовското МНР побарало официјални појаснувања во врска со случајот.

Игор Панов