Груевски: Протестите не се во интерес ниту на Македонците, ниту на Албанците

07.07.2014 15:09

Премиерот Никола Груевски со став дека протестите не се во интерес, ниту на Македонците, ниту на Албанците, а институциите имаат капацитет да се справат со насилството...

Во секоја демократска држава поддржани се протестите кои се мирни и граѓаните имаат право да наметнат одредени идеи, но никој не подржува протести во кои се употревува насилство. Премиерот Никола Груевски со став дека тие не се во интерес, ниту на Македонците, ниту на Албанците, а институциите имаат капацитет да се справат со насилството.

„Министерството за внатрешни работи во изминатите денови мошне професионално ја вршеше задачата и државата нема да дозволи овие протести да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите“, изјави премиерот Груевски, додавајќи дека сериозно се следи состојбата. 

Потенцира и предупреди дека постојат одредени организации, поединци, различни видови групи кои се обидуваат во изминатите денови да долеат масло на огнот заради некоја своја лична агенда, која, како што рече, сигурно не е државна.

„Она што сакам да го потенцирам е дека таквите луѓе сигурно не работат ниту за интересите на Македонците, ниту за интересите на Албанците, ниту за интересите на Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Македонија, ниту за интересите на муслиманите или христијаните. Тие луѓе тераат или некоја своја лична агенда или нечија туѓа агенда“, истакна Груевски.

Според него, уште позагрижувачка е поддршката што ја даваат поединци и одредени групи и индиректно или директно долеваат масло на огнот и со тоа не само што придонесуваат за влошување на општата клима во тој правец, туку, како што рече, јасно покажуваат дека спроведуваат некоја агенда.

Премиерот Груевски истакна дека со владиниот коалициски партнер се  во постојани и секојдневни контакти.