СДСМ: Политиката да не биде пречка за обединување
Бројни партиски делегации положија свежо цвеќе на спомен обележјата на Крушевската република и на АСНОМ. Двата Илиндена не обединуваат околу заедничката борба за просперитетна Македонија – посочи лидерот на СДСМ, Филипче.

Лидерот на СДСМ, Филипче положи свежо цвеќе пред спомен-обележјата на Крушевската република и на АСНОМ во Скопје. Порача, исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија. Политиката, вели тој, не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
„Политиката не смее да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни“, порача Филипче.
Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација на нашата земја, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна, праведна европска држава – порачаа од СДСМ по повод чествувањата на празникот Илинден.
Мирјана Пиштолова -Бојаџиева
