Русија

Размена на затвореници меѓу Русија и САД

02.08.2024 19:11

Рускиот претседател Путин вообичаено не се појавува во јавноста, но овојпат направи исклучок, ги пречека руските државјани кои беа во затворите во неколку западни земји. За тоа Москва, во синоќешната размена, ослободи државјани на Соединети американски држави, меѓу нив и Иван Гершкович, новинарот на Вол стрит журнал. Затворениците од обете стани беа обвинети за шпионажа...

По размената, Кремљ прогласи победа, Белата куќа исто така. Не се случува често шефот на руската држава лично да го пречека воздухопловот со руските шпиони, прикриените агенти и атентаторот на федералната служба за безбедност кој во Германија усмрти дисидент од Чеченија. Путин им се заблагодари за лојалноста кон Русија.

„Добредојдовте во татковината. За сите кои се во воената служба. Ви се заблагодарувам за лојалноста кон заклетвата, должноста кон мајка Русија, не ја заборавивте за минута и сега сте дома“, изјави Владимир Путин-претседател на Руската федерација.

Ослободените американски затвореници во базата Ендрјуз ги пречекаа Бајден и Харис. Но, и во Белата куќа. покрај изборната кампања, за Вашингтон е значајна и соработката со сојузниците. Бајден не разговарал со Путин, му се заблагодари на тешката одлука на германскиот канцелар Шолц.

„Барањата беа да добијам отстапки од Германија, но оттаму рекоа дека не треба поради лицето кое беше ослободено. Словенија, Полска, Турција, сите направија отстапки, тоа е градење односи кое многу ни значи“, изјави Џо Бајден-претседател на САД.

„Ослободувањето беше можно со депортирањето на руските државјани кои се од разузнавачките служби. Меѓу нив беше и Красиков кој пред две години го уби рускиот дисидент во Берлин. Тешката одлука за ослободување беше заедничка по долги и внимателни консултации“, изјави Олаф Шолц-канцелар на Германија.

Главната улога во размената ја одигра турската разузнавачка служба, мит, која има одлични односи со двете страни. Обединетите нации го поздравија гестот на добрата волја меѓу во кои беа ослободени 16 државјани на западните земји, и 8 државјани на Русија.

 

 

Зоран Богатинов