Минималецот ги турка граѓаните во сива економија
Министерството за финансии го утврдува нивото на сива економија во земјава. За таа цел работи на воспоставување систем со кој ќе се прибираат, обработуваат и разменуваат податоци со другите институции. За МТВ од финансии појаснуваат дека една од алатките ќе биде воведувањето на е-фактурата, а се работи и на унапредување на законската регулатива, со цел да се креира стимулативна рамка за формализација на сивата економија …

Околу 80 илјади граѓани работат за минималец, што не е доволно за да се истурка месецот. Поради тоа се принудени да доработуваат прекувремено, за да земаат денар повеќе, најчесто на рака и така се стимулира сивата економија, предупредуваат синдикатите.
„Нема лош закон на хартија доколку се почитува. Голем дел од работодавачите прво ги гледаат дупките во законите и потоа наоѓаат начини како сето тоа да го избегнат, плаќање придонеси, сè што може да се намали кај работникот, за да му останат повеќе средства нему“, изјави Иван Пешевски од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.
Сè додека нерегистрираните дејности не се гонат кривично, земјава ќе се гуши во сива економија, сметаат бизнисмените.
„Реколти, сезона на берби, освен чест на исклучоците, сите тие се наплатуваат во готово. Ниту се знаат трансакциски сметки, ниту се знае како им е регулиран престојот на тие работници, ниту пак знаеме дали се легални или нелегални работници, дали постојат во било кој регистар“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
За да нема пријавување на неосновани барања за поврат на ДДВ и злоупотреба на буџетски пари, УЈП подготвува нов ИТ систем со кој даночните трансакции и обврски ќе се утврдуваат во реално време преку вмрежување на податоци од повеќе институции. Но, воведувањето на е-фактурата, ќе биде долг процес.
„Обврската за издавање на фактурите преку овој систем ќе биде еден своевиден притисок врз компаниите да не можат да прифатат деловни трансакции и деловно работење со нерегистрирани фирми, односно овој механизам ќе има влијание и за намалување на некои појавни форми на сивата економија“, изјави Елена Петрова, директорка на УЈП.
За имплементација на оваа реформа, УЈП веќе консултирала колеги од регионот, каде имаат и голем напредок во е-фискализацијата.
Во рамки на УЈП имаме сива економија, но и друг сегмент – даночно затајување. Тие две работи не треба да ги мешаме. Сивата економија ја имаме и во непријавените вработени и тоа го гледаме секојдневно. Имаме одредени занаетчии кои ги немаме во ниеден регистар, во ниеден систем, а тие всушност нижат континуирано приход. Како столб на општеството, даночната управа мора да ја има поддршката од сите други институции, и во делот на размена на податоци, и во начинот на борбата против сивата економија, за којашто гледаме дека има одреден галопирачки стадиум“, вели Сања Лукаревска од СДСМ.
Сивата економија во земјава зафаќа од 20 до 40 насто од БДП. За овој процент се пониски и даноците и придонесите што се собираат.
Сè додека не се покаже јасна политичка волја за ставање клуч на нелегалните бизниси, сивата економија ќе биде сериозна закана за стопанствениците кои плаќаат данок и почитуваат закони.
МТВ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“.
Анита Димитријевска – Велковска
