огнена стихија

Во околината на Пробиштип гори тешко пристапен терен

03.08.2024 16:37

Гори од охридско до Скопје. Од изминатото деноноќие критично е на Јасен и на Осоговски планини. Во Скопје пак, активни беа неколку пожари. Во Зелениково, на екипите на терен се приклучија и доброволци. Министерството за внатрешни работи на Република Србија денеска испрати нов хеликоптер за да помогне во гаснењето на пожарите...

Дождот донесе надеж, но ги избегна пожарите кои се најтешки за гаснење. Најкритичен е во атарот на селото Тажево и Брезница со крак кон Јасен. Пожарот е активен неколку денови, битката со огнот продолжува од копно и од воздух, вклучени се тимови од Армијата и од Унгарија.

„Дождот кој денеска заврна во мала количина не го изгасна овој пожарот и тој продолжува да гори. На ова место дејствува тим од 40 лица од Унгарија со специјални теренски возила како и 50 припадници на македонската армија поддржани со воздухоплови“, изјави Стојанче Ангелов – директор на ЦУК.

Критично е и на Осоговските планини. Во пробиштипските села Зелениград и Јамиште седми ден гори тешко пристапен терен. Зафатена е површина од околу 500 хектари со дабова и букова шума. Го гаснат повеќе хеликоптери.

„Со припадници на Армијата, дел од локалното население, луѓето што го познаваат теренот, бидејќи се работи за навистина тежок планински пожар имаме локализирање на неколку пожари бидејќи во текот на вчерашниот имаше околу 16 жаришта на пожари“, изјави Драган Атанасов, градоначалник на Пробиштип.

Голема површина дабова шума проголта огнот на патот помеѓу селата Страхојадци и Смесница во Зелениково. Краткотрајните врнежи од дожд тука помогна пожарот да се изгасне. Доброволците и пожарникарите се повлечени, на терен има патроли.

„Моментално сме во обиколка да провериме да не се разгорат повторно пожарите, но благодарение и на времето, моментално во Зелениково нема ниту еден пожар, сите се изгасени. Вчерашниот ден имаше три пожари, со помош на Противпожарната единица од Драчево имаше закана но успеавме да го ставиме под контрола“, изјави Борче Огњановски од Доброволно противпожарно друштво од општина Зелениково.

Во гаснењето на пожарите вклучени се повеќе водухоплови од Србија, Чешка, Словенија, Унгарија, Шведска и Германија. Пристигна и тим од Унгарија. Со теренски возила ќе ги гаснат пожарите на тешко пристапните терени.

 

Андријана Ѓурческа